Пораката на Планот за раст е многу јасна – тоа е сеопфатна понуда од Европската Унија до Западен Балкан за поттикнување на социо-економските услови кои отвораат нова страница во нашите односи. Вклучува низа мерки кои обезбедуваат прогресивен пристап до заедничкиот пазар на ЕУ, до регионалниот заеднички пазар, како и механизми за промовирање на реформите. Реформската агенда на Планот за раст е можност за земјата да ги забрза клучните придобивки од членството во ЕУ, како и да ја зголеми економската конвергенција пред пристапувањето.
Ова го истакна шефот на делегацијата на Европската унија во Скопје, Михалис Рокас, на денешната презентација на мерките од Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027 за Северна Македонија на прес-конференцијата со министерот за европски прашања Орхан Муртезани во владиниот прес-центар. Тој и’ честиташе на земјата што е првата земја во регионот што го потпиша договорот за инструменти и заеми од Планот за раст и реформската агенда.
„Проширувањето е еден од главните приоритети на Комисијата, а Реформската агенда, покрај Инструментот за претпристапна помош, всушност е движечката сила зад постигнувањето на оваа цел. Би сакал да бидам јасен, парите што ги обезбедуваме денес се дополнети со она што е веќе таму 00 милиони чисти грантови со овие финансиски алокации и јасна политичка поддршка, Реформската агенда на Планот за раст е можност за земјата да ги забрза главните придобивки од членството во ЕУ, како и да ја зголеми економската конвергенција пред пристапувањето“, нагласи Рокас.
Според него, реформската агенда на Планот за раст не претставува замена за членството во ЕУ, туку алатка за поддршка на подготовките на земјата за ЕУ.
„Реформската агенда не е лек за сите зла, туку заеднички напор за спроведување на потребните реформи кои можат да го трансформираат општеството. Владата е посветена на младите луѓе, бизнисите, невладините организации и медиумите дека ќе ги унапреди реформите кои ќе донесат опипливи придобивки за земјата и напредок кон ЕУ. Ќе го направиме тоа заедно, ќе ги мобилизираме сите капацитети на владата“, рече Рокас.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ја истакна важноста на Планот за комуникација и Планот за раст, кои според него се клучот за успехот на реформите.
Преку овој План, според него, граѓаните ќе можат јасно да ги разликуваат конкретните резултати и ефекти од реформите – од подобрување на деловното опкружување и отворање нови работни места, до поголема економска конкуренција и зајакнување на демократските институции. На овој начин, Планот не само што ќе ја зголеми видливоста на активностите што ги спроведуваме со помош на ЕУ, туку и ќе ја зајакне довербата на граѓаните во реформскиот процес и европската иднина на нашата земја.
„Овој План не е само за комуникација и видливост, тој е и план за доверба и заедничка европска иднина. Денеска испраќаме јасна порака дека реформите се предизвик и заедничка одговорност. Владата не треба сама да чекори на европскиот пат, туку заедно со своите граѓани, со силна поддршка и доверба во Европската унија и со визија што ги надминува сегашните предизвици“, рече министерот Муртезани.