„Сите политички партии мора континуирано да придонесуваат за зајакнување на улогата на Собранието како форум за конструктивен и сеопфатен политички дијалог, со цел да се забрзаат реформите за членство во Европската унија“, повика денеска евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас. Собранието на заедничката седница на Парламентарниот совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања, на која на дневен ред беше извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2024 година.
Рокас во својот говор рече дека треба да се искористи моментот за нашата земја за почеток на преговори за членство во Унијата.
„Би сакал да ве охрабрам да го искористите моменталниот моментум кон проширување. Има вистински момент, има вистинска посветеност. Од наша страна, ние сме посветени и подготвени да ви помогнеме да го отворите патот кон Европската Унија. Како што сите сте сведоци во последните извештаи од Брисел, постои голем интерес и добра волја кон Република Северна Македонија да се отвори првото поглавје од преговорите. И новиот претседател на Советот, новиот комесар за проширување и потпретседателот на Комисијата Калас, сите ја изразија својата поддршка за вашиот пат кон ЕУ“, рече евроамбасадорот.
Тој им нареди на пратениците најдобро да ја искористат оваа можност, пред се за добробит на граѓаните кои сакаат да бидат дел од Европската Унија.
Евроамбасадорот истакна дека изборите и именувањата „на одредени позиции во државните институции и агенции мора да бидат навремени и засновани на заслуги“ и дека европското знаме треба да се користи само во случаи кога законите се усогласуваат со законодавството на Европската унија.
„Новиот парламентарен состав мора да ја забрза работата и да продолжи со реформите кои се неопходни за евроинтегративниот процес на земјата, вклучително и уставните измени. Собранието треба да донесе дневен ред со кој ќе се намали употребата на процедури во скратена или итна форма на закони и да се внимава на правилна употреба на европското знаме, процедура која беше евидентна во минатото. Употребата на европското знаме во постапките треба да биде поврзана само со законите насочени кон усогласување со законодавството на Европската унија и врз основа на сеопфатни консултации, вклучително и консултации со Европската комисија“, рече Рокас.
Осврнувајќи се на извештајот на ЕК, тој рече дека десеттиот парламентарен состав на задоволително ниво го исполнил мандатот, има политичка поларизација и како што рече „има одредено доцнење во именувањето на одредени функции во државните институции“.