Кристијано Роналдо ги загуби нервите неколку пати за време и по поразот на неговиот Ал-Насер од Ал-Хилал со 2:0 вчеравечер за купот „Ријад сезона“ во Саудиска Арабија, кој се играше неколку дена пред продолжението на првенството.
Веќе за време на натпреварот, петкратниот освојувач на „Златната топка“ беше испровоциран од навивачите кои скандираа „Меси, Меси“. Во еден момент Роналдо се сврте кон нив и им рече „Јас сум тука…не Меси“.
Потоа, на враќање кон соблекувалната, кон Кристијано беа фрлени два шала со белези на Ал Хилал. Португалецот зграпчи еден, се избриша со него и демонстративно го фрли на земја.
На крајот, напаѓачот на Ал-Насер беше видно вознемирен откако тој и неговите соиграчи мораа да поминат низ коридорот од противничките фудбалери. При добивањето на својот медал, се гледа дека Кристијано му објаснува нешто на шеикот што ја доделува наградата.
Ал-Хилал победи по головите на Сергеј Милинковиќ-Савиќ и Салем Алдаусари.