„Топката е во вашиот двор“, изјави Урсула фон дер Лајен од Скопјe, испраќајќи јасна порака дека уставните измени се единствениот клуч за отворање на пристапните преговори.
Поранешниот амбасадор Нано Ружин вели дека ова не е изненадување, дека проблемот не е во Бугарија, туку во нашата неспособност да ги исполниме условите договорени со Европската Унија и предупредува дека без овој чекор земјата нема шанси да продолжи напред во европските интеграции.
„Додека не се реши проблемот со Уставот, немаме излез од оваа ситуација. Не мора да бидете голем експерт за да заклучите дека нашиот проблем е Европската Унија, а не Бугарија, бидејќи имаме договор со Европската Унија.“
Сега можеме да правиме различни формулации, да истакнуваме, да бараме виновници, да ги критикуваме ставовите на оние што го склучиле договорот. Но, фактот е дека во овој момент, единственото нешто што ни преостанува како држава ако сакаме да започнеме преговори е да ја промениме Преамбулата на Уставот и да ги вклучиме оние неколку етнички заедници што се идентификувани како такви, но не се вклучени во Уставот, изјави Ружин за „Фронтлајн“.
Разбирливо е што фон дер Лајен, додава тој, само го повторува она што сите веќе го знаеме.