Руските власти наредија затворање на училиштата во градот Курск, главниот град на областа Курск долж границата со Украина, по нападот од украинска територија, изјави градоначалникот на Курск.
– Поради неодамнешните настани, решив учениците да учат од далечина до петок, 15 март – објави на Телеграм градоначалникот на Курск, Игор Кучак.
Руски доброволци кои се борат за Украина изјавија дека преминале во Русија во вторникот за да ги нападнат пограничните области, имено Курск, и зазеле едно село.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека армијата ги одбила нападите од Украина во текот на ноќта и утрото, уверувајќи дека спречила пенетрација на руска територија.
Денеска, Украинците испратија бран беспилотни летала на руска територија, од кои околу 15 ја нападнаа областа Курск , објави Министерството.
За потсетување, официјалните телеграмски канали на милициите против Кремљ, Легијата на слободата на Русија и рускиот волонтерски корпус, кои се борат на страната на Киев, објавија информација дека селото Теткин во областа Курск е целосно под контролата на руските ослободителни сили.
– Војската на Путин бега од селото оставајќи зад себе тешка техника, соопштено е на каналот на Руската легија на слободата со видео на кое се гледа како неколку војници бегаат.