Според британските медиуми, припадници на руските сили продаваат заробени украински војници на своите соборци од Чеченија!
Петро Јаценко, портпарол на украинскиот штаб за координација на воените заробеници, изјави за британски Тајмс дека таканаречениот црн пазар е управуван од групи Чеченци , етничка група од југот на Русија.
Според него, Чеченците купуваат воени заробеници од други руски сили за да ги искористат за размена на своите војници.
– Имаше случаи кога купуваа наши ранети војници од руската војска, ги носеа во Грозни, а потоа ги заменија за свои – рече Јаценко.
Чеченските сили под водство на воениот водач Рамзан Кадиров се бореа на руската страна во Украина во текот на целата инвазија. Сепак, според Тајмс, во последниве месеци Чеченците сè повеќе се ангажирани во операции далеку од првите линии на фронтот, давајќи им помалку можности да ги фатат своите противници и да водат сопствена размена.
Еден украински војник, Вјачеслав Левицки, кој има 41 година, изјави за Тајмс за неговото заробување во регионот Доњецк минатиот февруари и неговата последователна продажба на Чеченците. Левицки беше заробен по битката кај Авдијивка од војниците на Доњецката Народна Република.
– Му одбија медицинска помош за нозете и стомакот и го претепаа во обид да го принудат да открие чувствителни информации – пишува Тајмс.
Женевските конвенции вообичаено бараат хуман третман на сите воени затвореници, но се помалку јасни во однос на трговијата со затвореници.
Левицки набрзо бил одведен во Грозни, каде што закрепнал и во јуни 2023 година бил дел од група украински затвореници кои биле разменети за чеченски.
Кремљ инаку се обиде да ги прикаже Чеченците како сурови за да влее страв кај Украинците. Сепак, на изненадување на Левицки, Чеченците се однесуваа релативно добро кон него, обезбедувајќи му навремена медицинска помош, пишува Тајмс. Но, бидејќи повредите претходно не му биле санирани, морале да му ги ампутираат нозете и рацете.
Се проценува дека околу 4.000 украински борци се заробени од руските сили. Од август минатата година, повеќе од 2.500 Украинци учествувале во размената на затвореници.