Следната недела НАТО ќе ја спроведе својата најголема воздушна вежба координирана од Германија, објавија во средата американски и германски претставници.
Вежбата „Air Defender 23“ ќе започне во понеделник и ќе трае десет дена со учество на околу 220 воени авиони од 25 земји членки и партнери на НАТО.
„Вежбата ќе биде од одбранбена природа, но има за цел да испрати порака, особено до Русија“, изјави за новинарите американската амбасадорка во Германија, Ејми Гутман.
„Навистина би била изненадена ако еден светски лидер не земе предвид што зборува ова за природата на тој сојуз, што значи силата на тој сојуз, а тоа го вклучува и Владимир Путин“, нагласила таа.
„Вежбата е планирана од 2018 година, делумно како одговор на руската анексија на Крим во 2014 година, иако таа не е насочена против никого“, изјавил генералот Инго Герхарц, командант на германските воздухопловни сили.
„Ние сме одбранбена алијанса и вежбата е дизајнирана како таква“, објаснува тој.
„Оваа вежба е наменета да го надополни тековното присуство на Соединетите Американски Држави во Европа и да обезбеди обука на повисоко ниво од она што обично се спроведува на континентот“, вели генералот Мајкл Лох, директор на Националната воздушна гарда на САД.
„Засега ‘Air Defender 23‘ не се планира да биде редовна вежба“, кажала амбасадорката и додала: „Но, не сакаме да биде последена“.
Запрашан за можното нарушување на цивилниот воздушен сообраќај за време на вежбата, генералот истакнал дека планерите направиле „сè што е во нивна моќ“ за да спречат одложувања и откажувања на летови бидејќи започнуваат училишните празници во некои делови на Германија.
Организацијата на НАТО, основана на почетокот на Студената војна, стана најголемата организација за колективна одбрана со 31 земја-членка во Европа и Северна Америка.