Севернокорејските војници учествуваа во операцијата, како што изјавија Русите, за ослободување на регионот Курск во согласност со четвртиот член од договорот за сеопфатно стратешко партнерство потпишан во јуни 2024 година, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Севернокорејските војници учествуваа во операцијата за ослободување на граничната област во согласност со член 4 од договорот за сеопфатно стратешко партнерство потпишан во јуни 2024 година. Солидарноста што ја покажаа нашите севернокорејски пријатели е манифестација на високото, вистинско ниво на сојузништво на нашите односи. Уверени сме дека нашите односи ќе продолжат да се зајакнуваат и развиваат во иднина“, рече таа.
Да потсетиме, рускиот претседател Владимир Путин вчера објави дека Русија целосно ја ослободила Курската област. Веста за целосното заземање на Курск му ја соопшти на Путин началникот на рускиот Генералштаб Валериј Герасимов, јави руската државна новинска агенција ТАСС.
Украинскиот упад во руската Курска област, кој започна на 6 август 2024 година, беше најзначајниот копнен напад на украинските редовни сили на руска територија од почетокот на инвазијата во 2022 година и прв таков упад на руска територија по Втората светска војна.
Украинските сили започнаа ненадејна офанзива, преминувајќи ја границата со поддршка на тенкови и оклопни возила и брзо напредуваа 35 километри длабоко во регионот, заземајќи околу 1.376 квадратни километри територија и повеќе од 80 населени места, вклучително и клучниот град Суџа и, последователно, Корењеве.