Руската државна медиумска агенција ТАСС објави дека безбедносните служби во самопрогласениот молдавски регион Придњестровје тврдат дека спречиле обид за атентат врз меѓународно непризнатиот лидер Вадим Красноселски.
Обиди за атентат на голем број функционери на Придњестровје биле подготвени според инструкции на Украинската служба за безбедност (СБУ), соопшти Министерството за државна безбедност на Придњестровје. Осомничените за подготовката на обиди за атентат врз лидерот на Придњестровје се приведени и даваат признанија, објави агенцијата ТАСС.
Обидот за атентат на лидерот на Придњестровје е оквалификуван како подготовка за терористички напад.
Главниот обвинител на Придњестровје изјави дека СБУ подготвувала терористички напад користејќи автомобил-бомба во центарот на Тираспол.
Тврдењата не се независно проверени, објави и еминентниот весник The Guardian.
Придњестровје, регионот кој се обиде да се отцепи од Молдавија на почетокот на 1990-тите години, граничи со западна Украина и таму има стационирани руски војници.
Да потсетиме, непосредно пред годишнината од почетокот на руската инвазија на Украина, Министерството за одбрана на Русија ја обвини Украина дека „планира да го нападне“ прорускиот сепаратистички парадржавен ентитет Придњестровје.
И покрај постојаните барања на владата на Придњестровје, Русија сè уште официјално не го признала овој регион. Исто така, руската државна медиумска агенција ТАСС го цитира поранешниот молдавски претседател Игор Додон, проруски играч, кој кажа дека – „украинскиот напад врз Придњестровје би претставувал агресија врз цела Молдавија“.