Руските истражители во четвртокот соопштија дека уапсиле француски државјанин под сомнение дека собирал информации за активностите на руската војска.
Од Државната истражна комисија велат дека мажот е осомничен дека неколку години „прибирал информации од областа на воените и воено-техничките активности на Руската Федерација“.
„Кога странски извори добиваат такви информации, тие можат да ги искористат против безбедноста на државата. За овие цели, осомничениот неколку пати ја посетил Русија, вклучително и Москва, каде што имал средби со граѓани на Руската Федерација“, додаваат од комисијата.
Инспекторите рекоа дека мажот, кој не е идентификуван, наскоро ќе биде обвинет поради тоа што не се регистрирал како „странски агент“ според рускиот закон, што предвидува казна до пет години затвор.
Засега нема коментар од француското Министерство за надворешни работи во Париз.
Руските медиуми соопштија дека човекот бил вработен во Центарот за хуманитарен дијалог (ХД), непрофитна организација со седиште во Швајцарија, чија веб-страница вели дека работи од 1999 година за да „помогне во спречување, ублажување и решавање на вооружените конфликти преку преговори и посредување во такви земји како Шпанија, Филипини и Либија.
ХД не одговори веднаш на барањето да потврди дека уапсениот е нивен вработен. Не е познато дали оваа организација има влијание во Русија и дали има вработени таму.