РУСИЈА планира да произведе 120 милиони тони жито оваа година, објави во петокот Министерството за земјоделство, што сигнализира значително помало производство отколку во рекордната 2022 година. Според официјалните податоци, минатогодишната реколта произведе 157,7 милиони тони жито, од кои 104,2 милиони тони пченица.
Не е јасно дали минатогодишната рекордна жетва е поврзана со освојување на територија во Украина, забележува dpa. Во декември, Министерството таргетираше 125 до 127 милиони тони жито за 2023 година, вклучувајќи 80 до 85 милиони тони пченица, истакнувајќи, според агенцијата ТАСС, дека планираниот обем на производство треба да гарантира рамнотежа на интересите на производителите, извозниците и потрошувачите.
Во петокот, министерството објави дека сега планира да произведе 120 милиони тони жито оваа година. Русија е еден од водечките извозници на жито во светот и нејзината жетва е важна за цените, потсетува ДПА.