Украина во средата објави дека Русија бомбардирала повеќе од сто населени места во последните 24 часа, што е најмногу во еден напад од почетокот на годината.
„Во последните 24 часа непријателот бомбардираше 118 населени места во десет региони“, објави украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко на социјалните мрежи, истакнувајќи дека ова е најмногу од почетокот на годината.
Покрај тоа, нападната е и рафинерија за нафта во Кременчук во центарот на земјата.
„Во нападот нема жртви, но повеќе од стотина пожарникари го гаснеа пожарот неколку часа“, додава министерот.
Украина и нејзините западни сојузници стравуваат дека Русија ќе ги интензивира нападите врз енергетската инфраструктура на Украина пред зимата, како што направи минатата година.
Едно лице загина во бомбардирањето во текот на ноќта во областа на Херсон.
Во руски напад загина и жител на регионот Запорожје, а во нападот со руски дрон во Никопол на југот на земјата загина едно лице, а четворица се повредени.
Украинските воздухопловни сили во средата објавија дека во текот на ноќта собориле 18 од 20 руски беспилотни летала.
Од друга страна, Министерството за одбрана на Русија соопшти дека соборило две украински беспилотни летала над регионите Бријанск и Курск кои граничат со Украина.