С-400 се користи за одбрана од непријателски борбени авиони, бомбардери и беспилотни летала, како и од балистички и крстаречки ракети.
Руската војска наводно изгубила еден од своите најмоќни системи за воздушна одбрана со среден и долг дострел , С-400 Триумф , во Украина. Ова е првпат да се изгуби овој најнапреден систем, за кој воените експерти сметаат дека заедно со американскиот THAAD во моментов е најдобриот и најнапредниот противвоздушен систем во светот.
Снимките од уништениот руски систем, снимени во регионот на Запорожје, веќе долго време кружат на социјалните мрежи, но досега се веруваше дека станува збор за послаба верзија на С-300, а не за С-400. Меѓутоа, откако се појавија поостри фотографии, експертите сега заклучија дека фрлачот 5P85SM2-01, инаку дел од системот С-400, сепак е уништен. Веб-страницата Орикс, која собира отворени извори на информации за загубите на воена опрема во војната во Украина, исто така смета дека станува збор за системот С-400, иако оваа информација не може да се провери.
НАТО овој систем SA-21 го нарекува „Growler“, а го разви руската воена компанија Almaz.До 1999 година беше наречен „S-300 PMU3“, а дел од овој систем панорамскиот радар N6E е единствениот во светот кој има познати способности за откривање на авиони со низок радарски отпечаток, т.н „невидливи“ стелт авиони на растојание од дури 150 километри. Русите се пофалија дека С-400 Триумф може да го собори американскиот стелт бомбардер „F-35 Lightning II“.
С-400 се користи за одбрана од непријателски борбени авиони, бомбардери и беспилотни летала, како и од балистички и крстаречки ракети. Еден С-400 има два радари и 6 до 12 транспортни возила за лансирање, од кои секоја може да истрела четири проектили. Системот користи и неколку видови ракети, од краток до долг дострел. С-400 некогаш беше развиен како одговор на Иницијативата за стратешка одбрана на американскиот претседател Роналд Реган, позната како „Војна на ѕвездите“.
Во 2007 година, Русија формираше четири полкови С-400 за одбрана на националниот воздушен простор во Московскиот регион, регионот Калининград и Источниот воен регион во Пацификот.