Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, вели дека Соединетите Американски Држави веруваат дека рускиот министер за одбрана е во Северна Кореја за да обезбеди испорака на оружје за да и помогне на Москва да ја нападне Украина.
По повод 70-годишнината од примирјето во Корејската војна, Сергеј Шојгу вети дека ќе ги зајакне воените врски, а истовремено ја пофали севернокорејската Армија како „најмоќна“ во светот.
„Силно се сомневам дека е таму на одмор, гледаме како Русија очајно бара поддршка, оружје, каде и да го најде за да продолжи со агресијата против Украина. Го гледаме тоа во Северна Кореја, го гледаме и со Иран, кој ја снабдува Русија со многу беспилотни летала кои ги користи за уништување на цивилната инфраструктура и убивање цивили во Украина“, вели Ентони Блинкен.
Севернокорејските државни медиуми ја опишаа средбата како „пријателска“ со фотографии на кои Ким Џонг Ун го шета рускиот министер за одбрана низ огромен изложбен простор на кој се прикажани севернокорејските нуклеарни ракети, од кои некои можат да стигнат до САД.
Севернокорејскиот лидер ја украсил својата резиденција со огромни фотографии на Владимир Путин пред пристигнувањето на руската делегација за одбрана, што сигнализира подлабоки врски меѓу двете земји додека секоја се соочува со САД.
Појавувањето на шпион во Пјонгјанг сигнализира дека Русија, членка на Советот за безбедност на ОН, се откажала од какви било претензии да се обидува да ги држи под контрола Северна Кореја и нејзината програма за нуклеарно оружје.
Според извештајот на американското разузнавање минатата година, Русија купувала гранати и ракети од Северна Кореја.
Аналитичарите веруваат дека ова можеби било во замена за жито, нафта и медицински пратки што би му овозможиле на Ким Џонг Ун да го ублажи ефектот на американските санкции против неговата програма за нуклеарно оружје.
На Северна Кореја ѝ е забрането да развива оружје што користи технологија за балистички ракети со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации, кои претходно беа поддржани од сите постојани членки, вклучувајќи ги Русија и Кина.
Сепак, посетата на Сергеј Шојгу на Пјонгјанг покажува дека Русија не ги слуша последните повици од американскиот Стејт департмент до Москва и Пекинг да го искористат своето влијание кај Ким Џонг Ун за да одиграат конструктивна улога во намалувањето на тензиите на Корејскиот полуостров.