„Русија е решена да ја тестира решителноста на НАТО“, предупредува шефот на германското надворешно разузнавање

Русија е решена да ја тестира решителноста на НАТО алијансата, вклучително и со проширување на својата конфронтација со Западот надвор од границите на Украина.

Ова, како што објавуваат странските медиуми, е предупредувањето што доаѓа од шефот на германската надворешна разузнавачка служба до новинската организација „Тејбл Медиа“.

Бруно Кал, шеф на Федералната разузнавачка служба, рече дека неговата агенција има јасни разузнавачки индикации дека руските претставници веруваат оти обврските за колективна одбрана утврдени во договорот на НАТО повеќе немаат практична сила.

„Сосема сме сигурни, и имаме информации што го покажуваат тоа, дека Украина е само еден чекор на патот кон Запад“, беше цитиран Кал.

„Ова не значи дека очекуваме армиите со тенкови да се движат кон запад“, додаде тој. „Но, гледаме дека ветувањето за колективна одбрана на НАТО ќе биде ставено на тест.“

Германија, која веќе е втор најголем снабдувач на оружје и финансиска поддршка за Украина во нејзината војна со Русија, вети дека дополнително ќе ја зголеми својата поддршка под новата влада на канцеларот Фридрих Мерц, ветувајќи дека ќе ѝ помогне на Украина да развие нови ракети што можат да напаѓаат длабоко на руска територија.

Без да даде детали за природата на неговите разузнавачки извори, Кал нагласи дека руските претставници очекуваат конфронтации што не претставуваат целосен воен ангажман што би тестирал дали САД навистина ќе ги исполнат своите обврски за взаемна помош според Член 5 од Северноатлантскиот договор.

„Не им треба да испраќаат армии од тенкови за ова“, рече тој. „Доволно е да се испратат луѓе во Естонија за да се заштитат наводно угнетените руски малцинства.“

Руската анексија на Крим во 2014 година вклучуваше окупација на згради и канцеларии од страна на руски војници во необележани униформи и цивилна облека, кои станаа познати како „малите зелени луѓе“ кога Москва првично го негираше нивниот идентитет.

Кал не прецизираше кои функционери во Москва размислуваат во оваа насока.

Мерц, кој го посети Доналд Трамп во Вашингтон минатата недела, го оспори тврдењето на американскиот претседател дека Украина и Русија се како „две борбени бебиња“, велејќи му на Трамп дека таму каде што Украина ја таргетира војската на Москва, Русија ги бомбардира украинските градови.

Но, Кал рече дека неговите контакти со американските колеги го убедиле дека тие сериозно ја сфаќаат руската закана.

„Тие го сфаќаат тоа исто толку сериозно како и ние, фала му на Бога“, рече тој.