Русија изврши голем напад со беспилотни летала врз Украина – погодена е клучна инфраструктура

Во текот на ноќта Русија изврши голем напад со беспилотни летала врз Украина, погодувајќи инфраструктурни објекти на југот и северот на земјата, објави во саботата украинската Армија.

Украинската против-воздушна одбрана соборила 29 од 38 беспилотни летала од иранско производство, лансирани од територијата на Русија, објави военото воздухопловство.

Воздухопловните сили во соопштението наведуваат дека нападот врз многу украински региони траел од 20 часот во петокот до 4 часот наутро во саботата по локално време.

Јужната воена команда објави дека е погоден објект на енергетска инфраструктура во регионот на Одеса. Оштетена е и административната зграда, а во нападот е ранет и еден цивил, се вели во соопштението објавено на социјалната мрежа Телеграм.

Во северниот украински регион Чернихив, на границата со Русија и Белорусија, во ноќниот напад биле оштетени две инфраструктурни згради, соопшти Армијата.

Мета на беспилотните летала беше и Киев, велат официјалните лица, додавајќи дека сите беспилотни летала кои тргнале кон главниот град биле соборени.

војнаРусијаУкраина