Шефот на британската одбрана, адмирал Тони Радакин, на вчерашното парламентарно сослушување изјави дека Русија изгубила речиси половина од своите борбени способности во Украина.
– Русија изгуби речиси половина од борбената ефикасност на својата армија – рече Радакин и додаде дека руската армија истрела 10 милиони артилериски гранати во 2022 година, а во најдобар случај може да произведе еден милион гранати годишно.
Исто така, руската армија загуби 2.500 тенкови, а во најдобар случај може да произведува 200 тенкови годишно.
Радакин го опиша рускиот напад врз Украина како „катастрофален неуспех за Русија“ и ги пофали успесите на украинската војска во сегашната контраофанзива.
– Дури и во последните неколку недели Украина врати повеќе територии отколку што Русија зеде минатата година – рече Радакин.
Велика Британија е втора по САД по воена помош за Украина. Во мај 2023 година, премиерот Риши Сунак вети дека ќе испорача стотици проектили за воздушна одбрана и беспилотни летала на украинската војска.