Според новите проценки, Русија веќе наголемо ги користи палестинските напади врз Израел како оружје со кое се обидува да ја намали западната поддршка за Украина и да го оттргне вниманието од војната во оваа земја, пишува Newsweek.
„Кремљ веќе ги искористува и најверојатно ќе продолжи да ги искористува нападите на Хамас во Израел за да унапреди неколку информативни операции чија цел е да се намали поддршката на САД и Запад за Украина“, откри во саботата Институтот за проучување на војната (ISW) со седиште во Вашингтон.
Тие во својата последна оценка тврдат дека Кремљ ја пушти во употреба пропагандната машинерија која колективно ќе го нападне Запад со тезата дека го запоставиле палестинско-израелското прашање за сметка на поддршката на Украина.
Да потсетиме дека во саботата палестинската организација Хамас ги изврши најсмртоносните напади врз Израел во последните неколку години. Израел ги возврати на нападите и објави дека е во војна.
Претседателот на САД, Џо Бајден, кажа дека Вашингтон ќе му ја понуди на Израел сета соодветна помош по ужасните напади и додаде дека САД го осудуваат ужасниот напад врз Израел од страна на терористите на Хамас од Појасот Газа.
„Кремљ шири информации во кои ги обвинува западните земји за запоставување на конфликтот на Блискиот Исток поради војната во Украина“, тврди ISW.
По избувнувањето на насилство од големи размери во јужен Израел и Појасот Газа, поранешниот руски претседател и актуелен заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медвед, кажа дека САД им помагале на неонацистите наместо да се фокусираат на изнаоѓање решение за палестинскиот израелски конфликт.
Кремљ тврдеше дека инвазијата на Украина е „специјална воена операција“ за „денацификација“ на Владата во Киев, но тоа беше отфрлено и од Украина и од меѓународната заедница.
„Што може да ја спречи манијакалната страст на САД за поттикнување конфликти низ целата планета ?“, напиша Дмитриј Медвед во објава на социјалната мрежа Телеграм.
Ваквите пишувања од Кремљ имаат две цели – тие се насочени кон западната публика која треба да ја намали поддршката за Украина, додека во исто време тие бараат да го деморализираат украинското општество тврдејќи дека Украина ќе ја изгуби меѓународната поддршка.
Истовремено, премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, тврди дека Хамас започнал брутална војна, но верува дека Израел ќе излезе како победник и покрај високата цена што ќе ја плати.
Портпаролот на Хамас, Калед Кадоми, изјави дека целта на движењето е меѓународната заедница да ги запре злосторствата во Појасот Газа врз палестинскиот народ и неговите свети места. Од друга страна, портпаролот на израелските одбранбени сили, Ричард Хехт, изјави дека Израел ќе продолжи со акцијата против варварските напади на Хамас во следните неколку дена.
„Ова е нашиот 11. септември. Ќе одговориме многу, многу силно на ова“, порача Ричард Хехт, портпарол на израелските одбранбени сили, во видеото што Армијата го сподели на социјалните мрежи.