Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека делови од можниот договор со САД за ставање крај на војната во Украина допрва треба да се разработат, иако тој верува дека процесот се движи во вистинската насока.
– Остануваат уште некои конкретни точки – елементи – од овој договор што треба да се допрецизираат и ние се занимаваме со тој процес – изјави Лавров за американската телевизија Си-Би-Ес.
– Има неколку знаци дека се движиме во вистинската насока – рече Лавров, додавајќи дека Русија е „подготвена да постигне договор“ .
Неговите изјави уследија по комбинираниот руски ракетен и беспилотен напад врз Киев, во кој, според украинските власти, загинаа најмалку 12 лица, а десетици беа ранети.
Нападот предизвика ретки директни критики од американскиот претседател Доналд Трамп, кој го повика рускиот претседател Владимир Путин да стави крај на насилството.