Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вели дека Алијансата не открила никакви промени во руските нуклеарни сили и не гледа причина да ги преиспита сопствените нуклеарни сили.
„Не видовме никакви промени во нивните нуклеарни сили што би не поттикнале да ги промениме нашите сили и начинот на нивното распоредување. Досега не видовме ништо што тоа го бара од наша страна“, изјави Јенс Столтенберг на конференција во Норвешка, пишува Sky News.
НАТО претходно ја предупреди Русија за нејзината нуклеарна реторика. Во март, Јенс Столтенберг го критикуваше Владимир Путин за, како што кажа, неговата опасна и неодговорна нуклеарна реторика, еден ден откако рускиот претседател кажа дека планира да постави тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.
Владимир Путин тогаш го спореди потегот со САД што го стационираат своето оружје во Европа. Меѓутоа, во мај првиот човек на американското разузнавање Аврил Хајнс оцени дека е многу малку веројатно Русија да го употреби своето нуклеарно оружје.
Нуклеарните тензии меѓу Русија и САД се зголемија од почетокот на војната, а Владимир Путин постојано предупредуваше дека Русија е подготвена да го искористи својот нуклеарен арсенал, доколку е потребно, за да го одбрани својот територијален интегритет.
Во февруари, тој исто така објави дека Русија го суспендира своето учество во новиот договор „СТАРТ“, последниот преостанат договор за нуклеарно оружје со САД, кој го ограничува бројот на стратешки боеви глави што секоја страна може да ги распореди.