Русија почна масовно да ги повлекува војската и опремата од Сирија

Русија почна масовно да ги повлекува војската и опремата од Сирија по соборувањето на режимот на Башар ал Асад, јавува Анадолу.

Повикувајќи се на американски официјални претставници и извори од разузнавањето, Си-ен-ен објави дека Русија ги повлекува војниците и опремата и дека во моментов се во прашање руската воздухопловна база Хмејмим и поморската база Тартус.

Нагласувајќи ја геополитичката важност на Тартус, официјални претставници велат дека напуштањето на Сирија, без пристаниште во Либија, може да ги стави Русите во тешка ситуација.

Наведоа и дека во таква ситуација Русите „ќе останат без пристаниште на Средоземното Море, кое би ја одразувала нивната моќ на јужното крило на НАТО“.

Официјални претставници тврдат дека руските сили со воената опрема почнале масовно да се повлекуваат од Сирија, но во прашање е трајноста на тоа и истакнаа дека руските сили почнале да ги преместуваат своите поморски сили од Сирија во Либија.

На сателитските снимки од 13 декември се гледа дека Русија се подготвува да ги качи авионите за да ги напушти своите воени бази во Сирија.

Утврдено е дека два големи воени транспортни авиона АН-124 во воздухопловната база Хмејмим биле свртени и подготвени за товарење.

Националните медиуми објавија дека во тек се демонтажа и подготовка за транспорт на јуришниот хеликоптер Ка-52.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прес-конференцијата минатата недела изјави дека Русија е во контакт со бунтовниците во Дамаск.

„Мора да бидеме во контакт со оние што ја контролираат ситуацијата на терен бидејќи таму имаме капацитети и персонал“, рече Песков.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен минатата недела изјави дека не може да коментира за руското повлекување од Сирија.

Башар ал Асад, лидер на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија откако антирежимските групи ја презедоа контролата над Дамаск, ставајќи крај на режимот на партијата Баас која владееше со Сирија од 1963 година.