Русија се повлекува од ММФ!?

Пратениците на Комунистичката партија на Руската Федерација (КПРФ) доставија до Државната Дума, долниот дом на рускиот парламент, предлог-закон за повлекување на Русија од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

КПРФ предложи да се поништи одлуката на Врховниот совет на Руската Федерација за влез на Русија во ММФ, пренесува Комерсант.

Авторите на иницијативата предлагаат и откажување на протоколот за пристапување на Русија во ММФ, Меѓународната банка за обнова и развој и Меѓународната асоцијација за развој, кој беше потпишан во Вашингтон во 1992 година.

Во образложението на законот се наведува дека Русија, како членка на ММФ, не може да управува со сопствената валута – нема право да го зголемува или намалува курсот на рубљата, а исто така е обврзана да го врзува курсот на рубљата со странски валути.

Заменик министерот за надворешни работи на Русија, Александар Панкин, на 28 февруари најави дека Русија ќе продолжи да учествува во активностите на ММФ како членка на таа организација.

Тој тогаш нагласи дека тоа е корисно за Русија, но и добро за имиџот на земјата.