– Русија е пред западните земји во производството на оружје, изјави вицепремиерот на руската Влада, Денис Мантуров, утринава.
„Не сакам да се фалам, но можам да кажам дека почнавме да го забрзуваме производството и го забрзавме пред тоа да го направи Западот“, рече Мантуров во интервју за руската државна новинска агенција РИА.
Мантуров, кој е и министер за индустрија и трговија на Русија, рече дека друго прашање е колку во принцип ќе трае оваа (вооружена) трка.
Истакнувајќи дека работат во рамките на државната програма за оружје и долгорочната програма што го опфаќа периодот од 2025 до 2034 година, Мантуров посочи дека неговото Министерство и Министерството за одбрана „активно работат на проверка и подготовка на овие параметри“.
Тој, исто така, рече дека производството и снабдувањето со оружје на руската војска во 2023 година е зголемено за 10 до 12 пати за неколку артикли.
„За голем број артикли го зголемивме производството и обемот на испорака за 10 до 12 пати. Поради одредени нијанси не можам да зборувам за специфичен асортиман на резерви и финансирање, но, верувајте ми, бројките се огромни“, додаде Мантуров.