– Русија денес соопшти дека соборила украинско беспилотно летало кое имало намера да изврши „терористички напад“ над Црното Море.
„Денеска околу 12 часот беше спречен обид на режимот на Киев да изврши терористички напад со едно беспилотно летало врз објекти на територијата на Руската Федерација“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Се наведува дека беспилотното летало било уништено од авион на воената морнарица.
Еден ден претходно, руското Министерство за одбрана соопшти дека биле спречени извидувачки летови на американски беспилотни летала над Кримскиот Полуостров, што Москва нелегитимно го анектира во 2014 година.
Министерството тврди дека беспилотните летала „MQ-9 Reaper“ и „RQ-4 Global Hawk“ биле детектирани над југозападниот дел на Црното Море, по што два руски борбени авиони итно се упатиле да „спречат можно нарушување на државната граница на Руската Федерација“.
„Како резултат на дејствијата на силите за воздушна одбрана, извидувачките беспилотни летала на Американското воено воздухопловство го променија правецот на летање и ги напуштија областите каде што се изведуваше извидувањето“, се додава од Министерството.
Досега нема соопштение за тврдењата ниту од украинските, ниту од американските власти, а независна проверка на тврдењата на Русија е тешка поради тековната војна.