Русија тврди дека го уништила најновото оружје доставено од Запад за Украина, вклучително и лансирни рампи за ракетите АТАМКС од американско производство, за време на четиридневните засилени напади што започнаа во понеделникот со 100 ракети од различни типови и речиси 500 беспилотни летала, соопшти Министерството за одбрана.
Министерството соопшти дека се употребени балистички ракети Искандер за уништување на пет фрлачи за ракетите АТАКМС, два повеќекратни ракетни фрлачи МЛТС и три повеќекратни ракетни фрлачи ХИМАРС, од кои сите биле користени за напад на руска територија.
Покрај тоа, два ракетни фрлачи кои носеа експериментални ракети Гром-2, како и еден фрлач и транспортно возило за товарење од украинскиот противбродски комплекс Нептун, беа уништени во близина на украинскиот регион Одеса со истото оружје, се вели во соопштението.
„На 25 ноември, како резултат на ракетен напад врз седиштето Кракен на Дирекцијата за разузнавање на Украина – ГРУ во градот Харков, беа убиени до 40 странски специјалисти, главно од САД, а во друг напад загинале најмалку 72 војници кои управувале со водни дронови, вклучително и девет француски инструктори“, стои во соопштението.
Во четвртокот наутро беше извршен комбиниран удар врз објектите на воено-индустрискиот комплекс на Украина, како и врз енергетската инфраструктура што ги снабдува со енергија, соопшти Министерството.
„Севкупно, изминативе денови се употребени 100 проектили од различни типови и 466 беспилотни летала Геран-2, а конкретно за синоќешниот комбиниран масивен напад – 90 проектили и 100 беспилотни летала Геран-2, кои погодија 17 клучни објекти на воената индустрија на Украина“, се вели во соопштението.
Министерството нагласи дека продолжува да ги надгледува аеродромите, областите на распоредување и рутите кои се користат за испорака на западно оружје со долг дострел што се користи за да се погоди руската територија за нивно уништување.