Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) денес ја обвини Европската Унија (ЕУ) за намери „да ја окупира Молдавија“ и да распореди „оперативна група“ на НАТО во украинскиот регион Одеса „за да ја заплаши Транснистрија“.
ЕУ и НАТО се „решени да ја држат Молдавија во согласност со нивната русофобична политика“, објави руската државна новинска агенција ТАСС, цитирајќи го прес-бирото на СВР.
„Тие планираат да го сторат тоа по секоја цена, вклучително и со воведување војници и де факто окупирање на земјата. Во оваа фаза во Романија се спроведува концентрација на единици на вооружени сили од земјите на НАТО во близина на молдавските граници“, објави агенцијата.
Додаде дека се подготвува распоредување на „оперативна група“ на НАТО во регионот на Одеса со цел заплашување на Транснистрија.
„Првата група воен персонал од Франција и Велика Британија веќе е подготвен“, соопшти агенцијата.
Транснистрија, официјално позната како Приднестровска Молдавска Република, е отцепена држава сместена на тесен појас територија помеѓу реката Днестар и источната граница на Молдавија со украинскиот регион Одеса.
Меѓународно е призната како дел од Молдавија. Сепак, по кратката војна во 1992 година, функционира како де факто независна држава со свој владин, воен, валутен и пасошки систем.
Нејзината стратегиска локација и присуството на големо, застарено складиште за оружје од советската ера ја прават потенцијално жариште, особено во контекст на војната во Украина.
Парламентарните избори ќе се одржат во Молдавија на 28 септември 2025 година. Во моментов, анкетите им даваат најголеми шанси за влез во Парламентот на Молдавија на две партии и два блока: владејачката Партија за акција и солидарност (ПАС), Патриотскиот изборен блок (БЕП), Алтернатива (БА) и Нашата партија (ПН).