Русија: Ќе се вратиме на СТАРТ доколку САД го сменат непријателскиот став

РУСИЈА ќе се врати на Новиот договор СТАРТ доколку Вашингтон се откаже од својот „непријателски став“ кон Москва, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, пренесоа руските агенции.

САД неделава објавија дека ќе престанат да испраќаат известувања до Русија според договорот за контрола на оружјето, вклучително и нови информации за локациите на американските ракети и системи за лансирање, како одговор на кршењето на договорот од страна на Москва.

Според Рјабков, ова не е изненадување за Москва и одлуката на Русија да го суспендира Новиот СТАРТ останува на сила и покрај какви било контрамерки. 

„Без оглед на какви било мерки или контрамерки од американска страна, нашата одлука да го суспендираме договорот СТАРТ е непоколеблива“, рече тој, пренесе ТАСС. 

„И нашиот услов за враќање на целосно оперативен договор е САД да го напуштат својот суштински непријателски став кон Русија.“