Се очекува испораката на гас за Кина да достигне 22 милијарди кубни метри во 2023 година, изјави заменикот на рускиот премиер
Русија оваа година ќе ги зголеми своите испораки на природен гас кон Кина за речиси 50 %, изјави потпретседателот на руската Влада, Александар Новак.
Руската испорака на нафта, гас и јаглен за Кина е зголемена минатата година, соопшти Новак за рускиот ТВ-канал „Русија-1“ во интервјуто емитувано вчера.
„Минатогодишната испорака на гас изнесува 15 милијарди кубни метри. Во 2023 година очекуваме испораката да достигне 22 милијарди кубни метри, што е зголемување од речиси 50 %“, рече Новак.
Рускиот енергетски гигант „Гаспром“ има за цел да ја зголеми испораката на азискиот пазар, особено кон Кина, бидејќи извозот на гас во Европа нагло опадна поради санкциите воведени поради војната во Украина.
„Гаспром“ минатата година ѝ испорача на Кина 10,4 милијарди кубни метри природен гас по гасоводот „Силата на Сибир 1“, кој има годишен капацитет од 38 милијарди кубни метри.