Украина: Русите синоќа нападнаа едно од нашите главни пристаништа за извоз на жито
Русија изврши воздушен напад во текот на ноќта врз едно од главните пристаништа за извоз на жито во Украина , соопштија украинските власти, неколку часа пред разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Таип Ердоган. По полноќ, украинските воздухопловни сили ги повикаа жителите на пристаништето Измаил , едно од двете главни пристаништа за извоз на жито во Украина на реката Дунав во регионот Одеса, да бараат засолниште.
Некои украински медиуми објавија звуци од експлозии во областа.
Путин и Ердоган денеска треба да се сретнат во руското црноморско одморалиште Сочи, додека Анкара и Обединетите нации се обидуваат да го оживеат договорот за украинскиот извоз на жито што помогна да се олесни глобалната криза со храна. Анкара ги нарече разговорите клучни за постигнување договор .
Чести напади на пристаништата на реката Дунав
Русија се повлече од договорот во јули, една година откако беше посредуван од Обединетите нации и Турција, жалејќи се дека нејзиниот сопствен извоз на храна и ѓубрива се соочува со пречки и дека премалку украинско жито оди во земјите на кои им е најпотребно.
По напуштањето на Црноморскиот договор за жито, Москва започна чести напади врз пристаништата на реката Дунав, која оттогаш стана главна рута за извоз на жито на Украина. Нападот од понеделникот, чии размери се уште не се познати, уследи по руските напади во неделата на другото големо пристаниште Рени на Дунав, во кои беше оштетена пристанишната инфраструктура и повредени најмалку две лица.