Руски нож во грбот на Техеран: Путин тајно ги поддржуваше израелските и американските барања кон Иран?

Рускиот претседател Владимир Путин им кажал и на американскиот претседател Доналд Трамп и на иранските претставници дека ја поддржува идејата за нуклеарен договор во кој Иран не може да збогатува ураниум, изјавија за „Аксиос“ извори запознаени со дискусиите.

Русија со години е главен дипломатски поддржувач на Иран во неговата нуклеарна програма. Но, додека Москва јавно го брани правото на Иран да збогатува ураниум, Путин приватно зазеде поцврст став по 12-дневната војна меѓу Израел и Иран.

Москва ги повика Иранците да се согласат на „нулто збогатување“, според тројца европски претставници и еден израелски функционер запознаен со ова прашање.

Два извори рекоа дека Русите ја информирале израелската влада за ставот на Путин во врска со збогатувањето на ураниум од страна на Иран.

„Знаеме дека тоа им го кажа Путин на Иранците“, рече висок израелски функционер.

Путин го изрази тој став и во разговорите минатата недела со Трамп и францускиот претседател Емануел Макрон.

Трамп јасно стави до знаење дека сака нов нуклеарен договор со Иран. Доколку разговорите се одржат во наредните недели, нулто збогатување на ураниум на иранска почва ќе биде едно од клучните барања на САД, велат изворите.

Иран долго време инсистираше дека мора да го задржи својот капацитет за збогатување ураниум според кој било договор.

Путин и други руски претставници неколку пати во последните недели изразија поддршка за договорот „нулто збогатување“ со Иранците, велат изворите.

„Путин би поддржал нулто збогатување. Тој ги охрабри Иранците да работат на тоа за да ги направат преговорите со Американците поповолни. Иранците рекоа дека нема да го разгледаат тоа“, рече еден европски функционер директно запознаен со прашањето.

Ставот на Путин е особено значаен со оглед на обемната поддршка на Иран за Русија за време на војната со Украина, вклучително и испораката на стотици борбени беспилотни летала и ракети земја-земја.

За време и по 12-дневната војна, Иранците беа разочарани што Русите не им пружија никаква значајна поддршка освен изјави за медиумите.

Русите јавно и приватно јасно ставија до знаење дека, доколку се постигне договор, тие се подготвени да го отстранат високо збогатениот ураниум од Иран.

Русија соопшти дека потоа ќе го снабди Иран со 3,67% ураниум за нуклеарна енергија и мали количини на 20% збогатен ураниум за истражувачкиот реактор на Техеран и производството на нуклеарни изотопи, велат изворите.

Пратеникот на Белата куќа, Стив Виткоф, разговараше со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, за продолжување на нуклеарните разговори.

Еден план беше да се сретнат во Осло во наредните денови, но изворите велат дека и Иранците и Виткоф се оладиле од идејата. Тие бараат друга локација.