Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека вчера биле извршени ракетни напади со балистичкиот систем „Искандер“ на локацијата на состанокот на командниот штаб на вооружените сили на Украина во градот Суми.
„Вчера во градот Суми, вооружените сили на Руската Федерација, во услови на активно спротивставување на вооружените сили на Украина со системи за електронско војување и противвоздушна одбрана од странско производство, извршија напад со два оперативно-тактички ракети „Искандер-М“ на локацијата каде што се одржа состанокот на командниот штаб на оперативно-тактичката група „Северск“, известува државната агенција РИА.
Во соопштението руското Министерство за одбрана наведува дека Киев продолжува да го користи своето население како жив штит, одржувајќи настани со учество на воен персонал во центарот на густо населениот град.
Се додава дека како одговор на нападите на украинските вооружени сили врз цивилни објекти, руските трупи редовно напаѓаат персонал, опрема и локации на платеници, како и украинска инфраструктура, објекти од одбранбената индустрија, воена команда и комуникации.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, постојано нагласуваше дека руската армија не напаѓа станбени згради и социјални институции.
Како што соопшти претходно денеска украинската регионална воена управа во градот Суми, бројот на убиени Украинци во вчерашниот руски напад врз тој град е зголемен на 34, а меѓу жртвите има и две деца.
Во соопштението се додава дека и бројот на повредени е зголемен на 120, од кои 15 деца, а од нив 11 лица, меѓу кои три деца, се во тешка состојба, пренесе Укринформ.
Во неделата, руските сили започнаа напад врз центарот на Суми користејќи две балистички ракети, а нападот го осудија западните официјални лица, вклучително и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и американскиот претставник Кит Келог.