– Извештаите од ФИДИК експертот и од Државниот завод за ревизија ќе бидат на следната седница на Владата и тие треба да го дадат одговорот што понатаму со изградбата на автопатот Кичево – Охрид, соопшти директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми вечерва во отчетот за реализираното во оваа година.
Во изјава за медиумите тој рече дека ФИДИК експертот што го ангажирале им доставил извештај со три опции – да се продолжи договорот со изведувачот „Синохидро“, договорот да продолжи со пенали или да се раскине договорот.
-Одговори на овие прашања се доставени во извештајот кој денеска заедно со извештајот од Државниот завод за ревизија го доставивме во Владата и, најверојатно на следната седница Владата ќе ги разгледа. Ние ќе бидеме присутни, ќе ги образложиме сите тие опции што ги имаме од ФИДИК експертот кој ќе биде на седницата. По седницата на Влада ќе знаеме како ќе продолжиме понатаму со изведувачот „Синохидро“, изјави Рустеми.
И покрај сите нивни напори и заложби до изведувачот на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, завршувањето на проектот се пролонгирало, како што рече „поради појава на нови свлечишта и обрушување на косините“ и во фаза се кога им е потребна експертска помош.
-Овој важен дел од Коридорот 8 треба да се реализира и да биде завршен, а деценискиот проблем решен. И експертската јавност и Државниот завод за ревизија се согласни дека проектот Кичево – Охрид е резултат на лошо проектирање и стартување, односно типичен пример како не треба прерано да се почне со реализација на еден проект, рече директорот на ЈП за државни патишта.