– Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека доколку Киев биде поразен во тековната војна во Украина, таквата ситуација „би чинела билиони за повторно да се врати одвраќањето на Алијансата“ и ги повика земјите членки да ги зголемат трошоците за одбрана.
Руте зборуваше за тековната војна во Украина и трошоците за одбрана на НАТО на панелот насловен „Вашата земја на прво место – победете со нас“ во рамките на 55-тиот годишен состанок на Светскиот економски форум (СЕФ), што се одржа во Давос, Швајцарија.
„Принудени сме да ја промениме траекторијата на тековната војна и колку што знаеме линијата на фронтот се движи во погрешна насока, од исток кон запад“, рече Руте, повторувајќи го својот повик за континуирана поддршка за Киев.
Укажувајќи дека поразот на Украина ќе ѝ нанесе многу поголем товар на Алијансата, Руте истакна:
„Ако Украина загуби, повторната изградба на одвраќањето на НАТО ќе чини не милијарди, туку билиони“.
Руте ги повика земјите од Алијансата „сега да ги зголемат трошоците за одбрана и производството наместо да се соочат со неодржливи трошоци подоцна“.
– „Лош договор би значел полн погодок за Путин и лидерите на Северна Кореја, Иран и Кина“
Опишувајќи ја тековната војна во Украина како „не само европско прашање, туку глобална геополитичка борба во која се вклучени земји како Кина, Северна Кореја, Иран и Русија“, Руте истакна:
„Не можеме да дозволиме една земја да изврши инвазија и колонизација на друга во 21 век. Ги оставивме тие денови зад нас.“
„Лош договор би значел дека рускиот претседател (Владимир Путин) ќе ги охрабри лидерите на Северна Кореја, Иран и Кина“, предупреди Руте, додавајќи дека таквата ситуација би била „голема грешка“ и од геополитички аспект и за НАТО.
Руте се осврна и на прашањето за членството на Украина во НАТО, повторувајќи ја својата решеност на крајот да го вклучи Киев во Алијансата и подвлече дека Путин „нема право на вето“ за пристапувањето на која било земја.
– Мирот во Украина „мора да биде одржлив“
Руте истакна дека секој иден мировен договор мора да биде „одржлив“ и додаде:
„Мораме да бидеме сигурни дека Путин никогаш, никогаш повеќе нема да се обиде да земе ниту еден квадратен километар од Украина“.
„Ризикот овде е да почнеме да преговараме со Путин без да седнеме на маса и да му дозволиме да ги диктира условите од Москва“, рече Руте, изразувајќи критики за тенденцијата на некои политичари да преговараат за „хипотетички мировни услови“.
Руте истакна дека тоа може да ја ослаби позицијата на Украина и наместо тоа нагласи дека Украина треба да се донесе во најсилна можна позиција пред да започне мировни преговори.
– „Проблемот е во Европа“
Предупредувајќи дека НАТО е во „долгорочен безбедносен ризик“ доколку сојузничките земји итно не ги зголемат трошоците за одбраната, Руте рече: „Трамп е во право. Проблемот не е во САД, проблемот е во Европа“.
Потсетувајќи дека многу членки на НАТО сè уште не го исполниле критериумот за трошоци за одбрана од 2 % од нивниот бруто-домашен производ (БДП), Руте рече дека оваа цел „не е ни приближно доволна“ за одржување на одбранбениот капацитет на НАТО.
Од друга страна, посочувајќи дека има недостатоци и во трошоците за одбрана на САД, Руте продолжи со зборовите:
„Кина во моментов произведува побрзо од САД. Русија за 3 месеци ја произведува муницијата што ја прави целото НАТО од Калифорнија до Анкара. Ја произведува за една година“.
„Ако администрацијата на Трамп ја намали помошта за Киев, Европа треба да биде подготвена да преземе повеќе од финансискиот товар“, рече Руте, и додаде: „Бидејќи во моментов тие (САД) плаќаат повеќе од Европејците“.