– Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен изјави дека САД ќе ги поздрават сите чекори што ги презема Иран за забавување на сопствената нуклеарна програма.
Блинкен на прес-конференцијата во Стејт департментот го коментираше прашањето за текстот од „Волстрит џурнал“ за успорување на иранската нуклеарна програма.
„Не можам да ги потврдам вестите за кои зборувате. Се разбира, можам да кажам дека би ги поздравиле сите чекори што ќе ги преземе Иран за намалување на растечката нуклеарна закана по повлекувањето на САД од нуклеарниот договор“, изјави Блинкен.
Тој посочи дека во моментов нема нуклеарен договор меѓу Иран и САД.
„Отворено кажуваме дека Иран треба да ги намали тензиите за да отвори простор за дипломатија“, нагласи Блинкен.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од нуклеарниот договор во 2018 година и воведе санкции кон Иран.