Соединетите Американски Држави им претставија на Украина, Русија и Европа „рамка за траен мир“, објави портпаролката на Стејт департментот Тами Брус.
Украинската вицепремиерка и министерка за економија Јулија Свириденко истиот ден објави дека САД и Украина потпишале меморандум во врска со договорот за минерали кој сè уште не е финализиран.
Се дознава дека претставници на Белата куќа претходно нагласиле дека договорот е клучен за напредок во мировните преговори.
„Американскиот претседател Доналд Трамп сака да стави крај на оваа војна и сега постави рамка за траен мир за сите страни“, рече Брус.
„Предлогот им беше претставен на украинските и европските претставници во Париз“, додаде таа, додека американскиот државен секретар Марко Рубио и го пренесе истото на Русија во телефонски разговор, пишува CNN , според Телеграф.
„Рубио разговараше со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Државниот секретар на својот руски колега му ја пренесе истата порака што американската делегација им ја пренесе на украинските претставници и нашите европски сојузници во Париз“, рече Брус.
Портпаролката откри дека американскиот предлог бил позитивно примен во Париз.
„Охрабрувачките реакции на предлогот на САД во Париз покажуваат дека мирот е можен, доколку сите страни се навистина посветени на постигнување договор.
Инаку, досега САД водеа одвоени разговори со Украина и Русија во Саудиска Арабија со цел да се постигне прекин на огнот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 6 април изјави дека Русија отфрла безусловен прекин на огнот бидејќи сака да продолжи со ракетните напади од Црното Море.
Досега Москва покажува мала волја за сериозни мировни преговори. Руските власти поставуваат максималистички барања во мировните преговори со Украина и САД.
Украина веќе го прифати предлогот на САД за целосен 30-дневен прекин на огнот, објавувајќи на 11 март дека е подготвена за договор доколку Русија се согласи. Меѓутоа, Москва засега одбива.