САД и Иран ја одржаа првата рунда преговори: Еве што е договорено за нуклеарната програма на Техеран

Иранските и американските власти денеска во Оман ги одржаа првите разговори за нуклеарната програма на Техеран, откако американскиот претседател Доналд Трамп издаде рок од два месеци за почеток на преговорите со закана од воена интервенција.

Договорено е разговорите на делегациите да продолжат.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи на Телеграм објави дека иранската делегација имала кратка средба со пратеникот на Трамп за Блискиот Исток Стив Виткоф со посредство на Оман.

– По завршувањето на повеќе од два и пол часа индиректни разговори, шефовите на иранската и американската делегација разговараа неколку минути во присуство на министерот за надворешни работи на Оман кога ги напуштија разговорите – рече Аракчи.

Тој рече дека разговорите се одвивале во „продуктивна и позитивна атмосфера“ и додаде дека двете страни се договориле да продолжат разговорите следната недела.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаи претходно изјави дека секоја делегација има своја посебна просторија и ќе разменува пораки преку посредници од Оман, пренесува Ројтерс.

– Сегашниот фокус на разговорите е деескалација на регионалните тензии, размена на затвореници и ограничени договори за ублажување на санкциите (против Иран) во замена за контрола врз иранската нуклеарна програма – изјави за Ројтерс извор од Оман.

Багаи ја негираше оваа изјава, но не прецизираше што е неточно.

Од американската страна се уште не се изјасниле за средбата.

Трамп, за време на неговиот прв мандат во 2018 година, ги повлече САД од таканаречениот ирански нуклеарен договор, кој првично беше склучен во 2015 година.