– САД ја оквалификуваа смртта на Хинд Раџаб, шестгодишното девојче од Газа, кое претходно молеше за помош, „срцепарателна“ и побараа итна израелска истрага.
-Имаше илјадници други деца кои загинаа како резултат на овој конфликт. Побаравме од израелските власти да го истражат тој инцидент на итна основа, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
Шестгодишното палестинско девојче, чии врисоци и повици за помош ги слушна цел свет, беше пронајдено мртво. До неа беа пронајдени телата на нејзини роднини, како и болничари кои се обиделе да ја спасат, јави Би-Би-Си.
На 29 јануари, Хинд Раџаб бегала од градот Газа со нејзината тетка, вујко и тројца братучеди, кога автомобилот во кој се наоѓале бил погоден од тенк и според аудио снимката од разговорот меѓу девојчето и операторот на итната помош, шестгодишното девојче единствено го преживеало нападот. Во моментот на повикот таа се криела меѓу телата на убиените роднини.
Нејзиниот повик за помош бил прекинат со истрели од огнено оружје, се слуша на видеото што го објави Црвената полумесечина. Лекарскиот тим на палестинската Црвена полумесечина во саботата успеал да стигне до местото каде што бил автомобилот со девојчето, кое дотогаш било затворено како активна борбена зона.
Автомобилот во кој се наоѓало семејството бил целосно уништен, а од едната страна изрешетан со куршуми.
Девојчето Хинд е меѓу шесте тела пронајдени во автомобилот, сите со прострелни рани и повреди од гранатирање. На неколку метри е пронајдено уште едно уништено возило, целосно изгорено и според Црвената полумесечина станува збор за амбулантно возило што било испратено да ја земе Хинд. Во гранатирањето на брзата помош загинале и двајцата членови на медицинскиот тим, соопшти Црвената полумесечина, а пренесе Би-би-си.
Црвената полумесечина ги обвини израелските сили дека намерно гаѓале амбулантни возила.