– Американскиот амбасадор во Обединетите нации предупреди дека секој напад врз НАТО од страна на руската група „Вагнер“ ќе се третира како напад од страна на Русија.
Линда Томас-Гринфилд го изјави ова за време на брифингот со новинарите во Њујорк за различни прашања, вклучително и за ставањето крај на гладот, борбата против несигурноста со храна во услови на конфликти и одбраната на човековите права.
Прашана за присуството на платеници од групата „Вагнер“ на полската граница и дали таа ги гледа како вистинска закана за НАТО, таа рече: „Секако дека сме загрижени поради оваа група, која по налог на руската Влада, бидејќи тие не работат независно од руската Влада, е закана за сите нас.“
Таа нагласи дека пораката треба да биде јасна дека „секој напад од групата ‘Вагнер’ ќе се гледа како напад од руската Влада“.
Потсетувајќи дека Русија директно кажала дека може да нападне цивилни бродови што го користат Црно Море, Томас-Гринфилд рече дека тоа не се дејства што се очекуваат од постојана членка на Советот за безбедност на ОН.
Кон крајот на јуни, шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, ја обвини руската војска дека ги напаѓа борците на групата и прогласи „Марш на правдата“, велејќи дека неговите сили се тргнати кон Москва.
Руската Федерална служба за безбедност го означи потегот на групата како „вооружен бунт“ и отвори кривична постапка против Пригожин, додека претседателот Владимир Путин го нарече бунтот на приватната воена компанија чин на предавство.
Подоцна Пригожин се врати назад „за да избегне крвопролевање“, а постигнат беше договор со Путин со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Пред да се вклучи во руската „специјална воена операција“ во Украина, групата „Вагнер“ извесно време беше активна во неколку африкански земји, меѓу кои Централноафриканската Република и Мали.