САД се загрижени поради новиот ракетен напад околу нуклеарната централа во Запорожје

Признаваме дека по денешниот руски ракетен напад во близина на нуклеарната централа во Запорожје сигурноста и безбедноста на централа е од клучна важност, изјави Бони Денис Џенкинс, американски потсекретар за контрола на оружјето и меѓународна безбедност.

Таа е во Брисел каде се консултира со нејзините колеги од НАТО и ЕУ а во врска со посветеноста на САД за помош на Украина по речиси една година од почетокот на руската агресија, американските приоритети за контрола на оружјето и неширење на нуклеарното оружје.

На брифингот за новинарите денеска таа рече дека претставници на Меѓународната агенција за атомска енергија се во Запорожје и прават секакви напори за зачувување на безбедноста на централата.

-Од голема загриженост е кога паѓаат проектили во близина на која и да било нуклеарна централа, и ова веќе се случува подолго време, рече Џенкинс

Додаде дека САД се загрижени од тоа што се случува околу централата и повикуваат на претпазливост.

-Загрижени сме за персоналот во централата, но и за сите останати. Најдобро би било Русија да запре со она што го прави и да ја повлече војската од Украина, истакна таа.

Русија денеска, започнувајќи од раните утрински часови, изврши обемни ракетни удари врз повеќе украинска градови, погодувајќи ја цивилната инфраструктура на земјата.