– САД го изразија своето противење на предложената резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации, со која ќе се бара прекин на населувањето на Евреите во окупираните територии, иако Вашингтон го критикува ширењето на еврејските населби.
Во пресрет на состанокот на Советот за безбедност на ОН за израелско-палестинскиот конфликт, во нацрт-резолуцијата се бара Израел „веднаш и целосно“ да го запре ширењето на населбите на окупираните палестински територии.
Големите сили, вклучително и САД, претходно речиси едногласно ги критикуваа одлуките на ултрадесничарската Влада на Израел за ретроактивно легализирање на повеќе нелегални населби на окупираниот Западен Брег и изградба на нови станови за еврејските доселеници.
Белата куќа вчера соопшти дека е „длабоко изненадена“ од одлуката на Израел.
Стејт департментот, сепак, јасно најави дека САД, кои имаат право на вето во Советот за безбедност, нема да ја поддржат резолуцијата. Тој документ беше предложен од Обединетите Арапски Емирати, американски сојузник кој ги нормализираше односите со Израел.
Портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател изјави дека нацрт-резолуцијата не придонесува за напредокот на преговорите за решавање на конфликтот по моделот на две држави и дека ниту вестите од Израел не се од помош, алудирајќи на израелската одлука за населување.
Тој не кажа дали САД ќе го искористат правото на вето, што ќе биде првпат во мандатот на претседателот на таа земја Џозеф Бајден, кој ја обвини Русија за злоупотреба на тоа право.
Пател на новинарите во Вашингтон им рече дека нема да шпекулира за ова прашање и дека САД се фокусирани на поддршка на условите неопходни за решение по моделот на две држави до кое би се дошло со преговорите меѓу Израелците и Палестинците, а што е, како што се верува, единствениот пат до одржливо завршување на судирите.