Соединетите Американски Држави (САД) се способни воено да ги поддржат и Украина и Израел, тврди претседателот Џо Бајден за мрежата CBS во интервјуто што ќе се емитува во недела навечер.
„Ние сме Соединетите Американски Држави, за волја на Бога, најмоќната земја во светот – и не само во светот, туку и во историјата на светот“, тврди Џо Бајден на прашањето дали војните во Израел и Украина се премногу товар за САД.
„Можеме да се грижиме за двете и да ја одржиме нашата севкупна меѓународна одбрана“, вели Џо Бајден и додава: „Ние сме способни за тоа и тоа е наша должност“, опишувајќи ги САД како „важна нација“.
„Ако не сакаме, кој ќе го стори тоа ?“, праша претседателот на САД во разговорот снимен во петокот.
По руската инвазија на Украина, САД обезбедија помош во вредност од 44 милијарди долари. Израел редовно добива воена помош од милијарди долари, а добар дел од тоа се троши на проектили.
Џо Бајден неодамна најави дека ќе побара од Конгресот поголема помош за Израел. Подготвено е и барање за помош на Украина, но Претставничкиот дом во моментов е блокиран бидејќи нема претседател.