Дали Доналд Трамп се враќа ? Ќе се осмели ли некој во Русија да го предизвика Владимир Путин ?
Следната година половина од светот ќе излезе на избори, вклучително и 30 земји кои ќе избираат претседател. Еве пет избори на кои треба да внимавате и кои најмногу ја интересираат светската јавност:
РЕПРИЗА ЏО БАЈДЕН – ДОНАЛД ТРАМП
Десетици милиони Американци во ноември ќе гласаат за 60. претседател на САД, а според се повторно ќе се соочат сегашниот претседател Џо Бајден и поранешниот Доналд Трамп.
Доколку победи, Џо Бајден ќе ја извршува функцијата претседател до 86 години. Анкета по анкета покажува дека повеќето гласачи мислат дека тој е премногу стар за да биде врховен командант, иако Доналд Трамп е само четири години помлад.
Се чини дека дезинформациите се белег на кампањата и потсетување на последните избори кога приврзаниците на Доналд Трамп упаднаа во американскиот Капитол во обид да ја спречат потврдата за победата на Џо Бајден.
Пред реваншот со Џо Бајден, Доналд Трамп мора да ја добие номинацијата на Републиканската Партија и во таа трка тој е фаворит и покрај повеќекратните судења што му висат над глава.
ШЕСТ ГОДИНИ НОВ МАНДАТ ЗА ВЛАДИМИР ПУТИН ?
Владимир Путин е неприкосновен лидер на Русија во последните 23 години, а во 2020 година го измени Уставот за да може да остане на власт до 2036 година, што би значело дека може да владее подолго од Јосиф Сталин.
Имајќи предвид дека тој ја искористи војната во Украина за да ги приведе и замолчи противниците, мали се шансите некој да му застане на патот до нов 6-годишен мандат. Иако се уште не се огласил, сите очекуваат да се кандидира.
Неговиот поранешен противник, Алексеј Навални, отслужува 19-годишна затворска казна, а украинскиот воен ветеран и националистички блогер Игор Гиркин ја објави својата кандидатура, но и тој беше затворен на неопределено време.
ЕВРОПА ПРЕД ГОЛЕМ ИСПИТ
Повеќе од 400 милиони гласачи од 27 земји на Европската унија во јуни ќе изберат 720 пратеници во Европскиот парламент.
Десничарските кандидати беа охрабрени од победите на евроскептикот Герт Вилдерс на изборите во Холандија и минатогодишниот триумф на премиерката на Италија, Џорџија Мелони.
Поздравувајќи ја победата на Герт Вилдерс, францускиот европратеник од екстремната десница Џордан Бардела напиша на социјалната мрежа Фејсбук:
„Дајте ни ја јуни 2024 година“.
НАЈГОЛЕМИТЕ ИЗБОРИ ВО СВЕТОТ
Речиси милијарда Индијци ќе гласаат во април и мај на изборите каде премиерот Нарендра Моди и неговата националистичка партија БЈП бараат трет мандат.
Политичката кариера и успехот на Нарендра Моди се засноваат на поддршката на индиските Хиндуси и, велат критичарите, на поттикнувањето непријателство кон големото муслиманско малцинство во земјата. И покрај сузбивањето на граѓанските слободи, Нарендра Моди влегува на изборите како јасен фаворит, а неговите поддржувачи му признаваат за зајакнување на позицијата на Индија на глобалната сцена.
Во август, Индија стана само четвртата земја што слетала вселенско летало без екипаж на Месечината по Русија, САД и Кина, а планира да испрати човек на Месечината до 2040 година.
ПРВАТА ЖЕНА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МЕКСИКО ?
Поранешната градоначалничка на Мексико Сити, Клаудија Шејнбаум, се кандидираше во име на партијата Морено на актуелниот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, кој не е подобен за нов мандат.
Нејзиниот ривал, Ксочитл Галвез, беше избран да ја претставува опозициската коалиција Широк фронт за Мексико. Ако една од нив победи, таа ќе стане првата жена претседателка на таа земја со традиција на мачизам.
Младиот гувернер на државата Нуево Леон, Самуел Гарсија, неодамна се приклучи на трката. Анкетите го покажуваат Клаудија Шејнбаум како фаворит.