САД ја замрзнаа испораката на булдожери за Израел поради уривањето домови во Газа

– Соединетите Американски Држави (САД) ја замрзнаа испораката на 130 булдожери за Израел поради уривањето домови во Појасот Газа, објавија денес израелските медиуми.

Според израелскиот дневен весник „Једиот Ахронот“, израелското Министерство за одбрана потпишало голем договор за купување на околу 130 булдожери Д9 од американскиот производител Катерпилар.

Весникот, повикувајќи се на израелски безбедносни извори, вели дека САД неодамна го замрзнале договорот поради употребата на овие булдожери за уривање куќи во Газа, што предизвика големи критики во САД.

Изворите тврдат дека Израел веќе платил за булдожерите и чека одобрение за извоз од американскиот Стејт департмент.

Израелскиот дневен весник наведува дека замрзнувањето дошло во време кога Израел има очајна потреба од булдожерите, особено откако опремата е на поправка.

Според јавувањата, израелската армија е ангажирана и во копнени операции во јужен Либан повеќе од еден месец, за каде исто така бара дополнителни булдожери Д9.

Израелскиот весник наведува дека замрзнувањето на испораката на булдожери го одложило комплетирањето на плановите на Израел за создавање тампон зона меѓу Газа и Негев во јужен Израел, што би вклучило срамнување со земја на стотици палестински куќи, згради и земјоделски подрачја долж границата со Газа.

Според весникот, Вашингтон ја замрзнал и испораката на стотици тешки бомби за израелската армија, која купила приближно 1.300 бомби од Боинг. Овие бомби тежат речиси по еден тон. САД ја наведоа загриженоста дека бомбите би можеле да бидат искористени против цивилите во Газа.

Иако половина од пратката на бомби на крајот беше испорачана, се додава дека другата половина останува заглавена во складишта во САД.

Израел продолжува со разорната офанзива во Појасот Газа која започна на 7 октомври 2023 година и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот. Во офанзивата убиени се над 43.600 Палестинци, а енклавата е претворена во место непогодно за живот.

Израел се соочува со предмет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите постапки во блокираната енклава.