САД ја зголемија наградата за приведување на претседателот на Венецуела на 50 милиони долари

– Американскиот Стејт департмент и Министерството за правда објавија дека нудат награда од 50 милиони долари за информации што ќе доведат до приведување или осуда на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, поради наводи за кршење на американските закони за трговија со дрога.

Наградата, понудена преку Програмата за награди за борба против наркотици, претставува значителна ескалација на напорите на САД за да се изведе Мадуро пред лицето на правдата.

Станува збор за двојно зголемување на претходната награда од 25 милиони долари што беше понудена во јануари годинава.

Во соопштението се наведува дека повеќе од една деценија Мадуро е клучна фигура во криминалната организација Картел де лос Солес, обвинета за шверц на големи количини дрога во САД.

„Повеќе од десет години Мадуро е лидер на Картел де лос Солес, која е одговорна за трговија со дрога во САД“, се наведува во соопштението.

На 25 јули американското Министерство за финансии го прогласи овој картел за Специјално дизајнирана глобална терористичка (СДГТ) организација, поради неговата улога во меѓународната трговија со дрога.

„Од 2020 година Мадуро ја задушува демократијата и се држи за власта во Венецуела. Тој тврдеше дека победил на претседателските избори во Венецуела одржани на 28 јули 2024 година, но не достави никакви докази за победата“, се додава во соопштението.

САД официјално одбиваат да го признаат Мадуро како победник на изборите и не го признаваат за легитимен претседател на Венецуела.

Американскиот државен секретар Марко Рубио на социјалната мрежа Х напиша: „Стејт департментот и Министерството за правда ја зголемуваат наградата за приведување на диктаторот Николас Мадуро на 50 милиони долари поради кршење на американските закони за наркотици. Мадуро е водач на бруталниот Картел де лос Солес – наркотерористичка организација што ја презеде Венецуела. Мадуро мора да биде изведен пред правдата.“