САД ќе побараат од Русија да го признае правото на Украина на нејзината армија

Според информациите објавени од Блумберг, САД планираат да побараат, како дел од мировниот предлог, Русија експлицитно да го признае правото на Украина да има свои вооружени сили и одбранбена индустрија.

На оваа позиција ќе инсистира американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, кој се очекува да го постави прашањето со рускиот претседател Владимир Путин за време на нивната следна средба, според извори запознаени со планот. Ова е еден од клучните услови што Вашингтон сака да го вклучи во мировните преговори меѓу Москва и Киев, наведува Блумберг.

Што вклучува предлогот на САД?

Ова барање е дел од поширокиот американски мировен предлог кој вклучува:

  • замрзнување на сегашните борбени линии,
  • де факто признавање на руската контрола над Крим и делови од источна Украина,
  • исклучувањето на Украина од членството во НАТО,
  • укинување на американските санкции кон Русија,
  • безбедносни гаранции за Украина од европските земји, но не и од САД
  • враќање на дел од територијата во Харковската област на Украина,
  • Американско управување со нуклеарната централа во Запорожје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли овој предлог, наведувајќи дека признавањето на рускиот суверенитет над Крим би било против украинскиот устав и територијалниот интегритет. Украинските власти, исто така, изразија загриженост дека планот ќе и обезбеди на Русија јасни придобивки, додека Украина ќе и остави само нејасни безбедносни гаранции.