„Војната во Украина е водена од интересите на неколку „империи“, не само на Русија“, порача папата Франциско во интервју објавено во петокот.
Папата кажа дека конфликтот бил поттикнат од „империјалните интереси“, не само на Руската империја, туку и на империите од другите делови на светот.
Папата даде интервју за италијанско-швајцарската телевизија RSI кое треба да се емитува во недела, а денес беа извадени извадоци од италијанските дневни весници La Repubblica, La Stampa и Corriere della Sera.
Тој изразил подготвеност да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за да повика на мир.
Папата Франциско, кој има 86 години и ја одбележува 10-годишнината од неговиот избор на 13. март, исто така кажа дека ќе поднесе оставка ако премногу се измори и ја загуби способноста да раководи со Римокатоличката црква.
Тој минатиот месец порача дека папските оставки треба да се случат само во исклучителни околности.
Неговиот претходник Бенедикт XVI, кој почина на 31. декември минатата година на 95-годишна возраст, стана првиот папа што поднесе оставка по околу 600 години, кога се повлече во 2013 година.
Запрашан што би го натерало да ја донесе истата одлука да се откаже, Папата одговорил: „Замор што те тера да не ги гледаш јасно работите“.