Сакате да го забавите стареењето на мозокот? Јадете ги овие шест видови храна почесто

Здравјето на мозокот не зависи само од добар сон или решавање крстозборки – исхраната игра клучна улога во забавувањето на когнитивното стареење и спречувањето на болести поврзани со возраста. Добрата вест е дека, покрај храната што треба да се избегнува, постојат голем број вкусни намирници што можат да го хранат мозокот и да ја поддржат неговата функција.

Неврологот д-р Дина Курувила истакнува дека „исхраната што ја поддржува мозокот не се случува преку ноќ, но малите, секојдневни избори прават голема разлика“. Еве ги нејзините препораки за храна што „ги негува невроните, го намалува воспалението и помага во одржувањето на волуменот и функцијата на мозокот како што старееме“.

Боровинки

Боровниците се ризница на хранливи материи за целото тело, но особено за мозокот.

„Тие се богати со антоцијанини, кои го намалуваат оксидативниот стрес и воспалението – два клучни фактори во когнитивниот пад“, вели д-р Курувила за SheFinds.

Таа додава дека боровинките се поврзани со подобрена меморија кај постарите возрасни лица. Тие можат да се додадат во овесна каша, јогурт, смути или да се јадат сами.

Темно чоколадо

Темното чоколадо може да биде вкусно и добро за вашиот мозок – секако, во умерени количини.

,,Богато е со флавоноиди, кои го подобруваат протокот на крв во мозокот и можат да го поддржат учењето и меморијата“, вели д-р Курувила.

Исто така, тоа е состојка што го подобрува расположението бидејќи содржи прекурсори на серотонин. Се препорачува да се комбинира со бобинки или да се стопи како намаз на банани или тост.

Масна риба (лосос, скуша, сардини)

За љубителите на морска храна, еве неколку одлични вести – масната риба е една од најдобрите намирници за здравјето на мозокот.

„Масната риба содржи DHA, омега-3 масна киселина која е неопходна за структурата на мозочните клетки и синаптичката пластичност“, вели д-р Курувила. Редовната консумација е поврзана со побавно стареење на мозокот.

Јаткасти плодови (особено ореви)

Јаткастите плодови се одлични за ужина, а особено се добри за мозокот. Д-р Курувила препорачува ореви особено затоа што се „богати со алфа-линоленска киселина (ALA), омега-3 масна киселина на растителна основа“. Таа, исто така, забележува дека „редовното консумирање јаткасти плодови е поврзано со подобри когнитивни резултати кај постарите возрасни лица“. Тие може да се додаваат во салати, каша или да се јадат сами.

Домати

Доматите се богати со ликопен, моќен антиоксиданс кој може да ја премине крвно-мозочната бариера и да го заштити мозокот од болести како деменција.

„Готвењето домати дополнително ја подобрува апсорпцијата на ликопен“, вели д-р Курувила.

Јајца

Јајцата се одличен извор на посни протеини, а воедно обезбедуваат и клучна поддршка за мозокот.

„Тие се важен извор на холин, кој е неопходен за невротрансмитерот ацетилхолин – супстанца клучна за меморијата и учењето“, заклучува д-р Курувила.