Американскиот претседател Доналд Трамп им понуди, како што рече, „најексклузивната покана во светот“ на приватна вечера со него лично на 220-те најголеми инвеститори во неговата криптовалута $TRUMP.
Вечерата ќе се одржи во неговиот ексклузивен голф клуб во Вирџинија и ќе вклучува обиколка на Белата куќа.
Понудата, објавена преку промотивна веб-страница, предизвика експлозивен пораст на вредноста на таканаречената криптовалута „memecoin“ $TRUMP, која Трамп ја лансираше пред неговата инаугурација.
Само неколку часа по објавувањето, вредноста на валутата порасна за повеќе од 60 отсто, што сугерира дека инвеститорите почнале масовно да купуваат за да си го обезбедат своето место на вечерата.
Критика за промовирање на сопствената валута
„Вечера со претседателот Трамп и заедницата на $TRUMP! Покажете му на претседателот колку парички од $TRUMP поседувате“, пишува во поканата.
Иако до неодамна беше скептичен за дигиталните валути, Трамп започна отворено да ги поддржува криптовалутите за време на неговата претседателска кампања минатата година.
Неговото лично учество во промоцијата на криптовалутите дополнително беше поттикнато од назначувањето на регулатори кои се залагаат за олабавување на надзорот на пазарот на криптовалути, како и повиците на Трамп за законодавство што ќе ја зајакне позицијата на индустријата во САД.
Оваа последна иницијатива покрена голем број етички прашања, имајќи предвид дека претставува директна врска помеѓу финансиските инвестиции во приватната криптовалута на претседателот и пристапот до владините институции.
Критичарите предупредуваат дека ова ја замаглува границата помеѓу личната корист и јавната должност.