Шведската претставничка Лорин победи по вторпат на Евровизија. Нејзината песна „Тетоважа“ ја воодушеви цела Европа, исто како „Еуфорија“ во 2012 година во Баку, каде таа година беше домаќин на 57-то натпреварување по ред.
Откако беше објавено дека е претставник на Шведска за овогодинешниот натпревар, обложувалниците првично ја ставија на првото место, па може да се каже дека нејзината победа беше очекувана.
Инаку, таа влезе во историјата на Евровизија како првата жена која успеала да победи 2 пати и со тоа му се доближи на Ирецот Џони Логан кој успеа да го направи тоа 3 пати – како пејач, во 1980 година со песната „What’s Another Year “ и во 1987 со „Hold Me Now“, додека Линди Мартин ја напиша песната „Why Me“ со која победи во 1992 година.
Што се однесува до Лорин, таа е родена во 1983 година во Стокхолм како Лорин Зинеб Нора Талхауи, во муслиманско семејство кое емигрирало од Мароко. Уште од мала знаела дека сака да се занимава со музика.
Публиката во Шведска првпат слушна за неа во 2004 година на нивниот „Идол“ кога заврши на четвртото место и оттогаш нејзината кариера оди во нагорна линија.
Таа се пријави на ,,Мелодифестивален 2011″ (шведскиот национален натпревар за песна на Евровизија), но не постигна забележителни резултати. Сепак, следната година таа победи со песната „Еуфорија“, која подоцна беше најдобра песна на Евровизија.
Во 2012 година ја следеа гласини дека не ги депилира пазувите бидејќи изјавила дека ги поддржува жените кои не сакаат да се депилираат, но никогаш не сакала да коментира дали тоа го практикува или не. Дел од јавноста беше згрозена од ова, некои дури и ја осудуваа.
Имено, Лина Ехрин е снимена на ,,Мелодифестивален” како ги крева рацете по победата а кадарот од нејзината небричена пазува заврши на телевизија. Некој успеал да направи принтскин од тој момент, кој брзо почнал да се шири на социјалните мрежи.
После тоа, шведските активисти ја започнаа кампањата „Враќање на влакната“, а Лорин ги поддржа.
Подоцна се најде на мета на осуда затоа што си ја скратила косата и била ќелава, па поради таквата одлука многумина ја прозивале но таа не обрнувала внимание.
Уште еднаш го привлече вниманието на јавноста (во 2017 година) не поради нејзината музика, туку поради изјавата дека е бисексуалка. Сепак, пред две години таа објави дека има момче.
Победата на Шведска дојде во вистинско време – следната година се навршуваат точно 50 години од победата на АВВА со „Waterloо“ во Брајтон, отворајќи го патот да стане една од најпопуларните групи досега.