Салвини: Советот на Европа е бескорисно тело, италијанските полицајци не се расисти

Советот на Европа е бескорисно тело и произведува „глупости“, изјави денес италијанскиот вицепремиер и министер за транспорт Матео Салвини, откако панел на Советот на Европа побара од Италија да го истражи наводното расистичко однесување на полицијата.

„Советот на Европа треба да се засрами, тоа е уште едно бескорисно тело кое ги чини италијанските и европските граѓани“ и дава „глупави“ изјави за тоа дека италијанската полиција е расистичка“, рече Салвини, зборувајќи на маргините на собранието на крајбрежната стража.

Премиерката и лидер на десничарската Браќа на Италија, Џорџа Мелони, изјави во среда дека обвинувањата на Советот на Европа против италијанската полиција се „едноставно срамни“, додека министерот за надворешни работи Антонио Тајани рече дека овие обвинувања се „нејасни и лажни“, објави Анса.

Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕЦРИ) ја повика италијанската влада во среда да ги истражи наводните случаи на расистички дејствија меѓу полициските сили.

„Нашата препорака до италијанската влада е што поскоро да спроведе независна студија за феноменот на расно профилирање во нејзините полициски сили, со цел да се процени ситуацијата“, рече претседателот на EЦРИ, Бертил Котије.

Потпретседателката на EЦРИ, Тена Симоновиќ Ајнвалтер, рече дека случаите на расно профилирање се во пораст и дека полицијата „лошо се однесува кон луѓето врз основа на бојата на нивната кожа или нивниот претпоставен идентитет или религија“.